Свет

23 лица три часа заглавени на рингишпил на 30 метри височина во Хамбург

Дваесет и три лица останале заглавени околу три часа на височина од приближно 30 метри, откако рингишпил се расипал на летниот саем „Зомердом“ во германскиот град Хамбург.

Инцидентот се случил доцна синоќа, кога атракцијата ненадејно запрела поради технички дефект. На местото веднаш пристигнале полицијата и пожарникарските екипи, кои започнале подготовка за спуштање на конструкцијата и евакуација на патниците.

Според германскиот весник „Билд“, 23-те лица останале заробени на околу 30 метри над земјата, додека службите се обидувале да го решат проблемот и да спречат паника меѓу патниците.

Непосредно пред полноќ, по повеќечасовниот застој, рингишпилот повторно бил ставен во функција и конструкцијата била спуштена. Сите патници успеале безбедно да се симнат и никој не бил повреден, соопштил портпаролот на полицијата.

На крајот не била потребна директна интервенција на пожарникарите за извлекување на заглавените лица.

Причината за техничкиот дефект допрва треба да биде утврдена. Во истрагата се очекува да биде вклучена и германската организација за техничка инспекција TÜV, која треба да провери што довело до запирањето на атракцијата и дали биле исполнети сите безбедносни стандарди.

Рингишпилот е една од атракциите на традиционалниот летен саем „Зомердом“ во Хамбург, кој годинава за првпат трае пет недели наместо досегашните четири.

Саемот е еден од најпосетените настани од ваков тип во градот. Според организаторите, минатата година „Зомердом“ го посетиле повеќе од 1,3 милиони луѓе.

Тагови

Поврзани вести