Економија
Јадранот бара 95.000 работници за летната сезона
За претстојната летна сезона на Јадранското Море се очекува голема побарувачка за работна сила, при што ќе бидат потребни околу 95.000 сезонски работници. Најмногу се бара кадар во туризмот и угостителството, особено келнери и готвачи.
Во Хрватска се проценува дека ќе недостигаат околу 70.000 работници, што е повеќе од лани, додека во Црна Гора се очекуваат околу 25.000 сезонски вработувања, со најголема побарувачка во туристичките центри како Будва.
Работодавците најчесто бараат келнери, готвачи, помошници во кујна, рецепционери, хигиеничари и технички персонал. Платите варираат во зависност од позицијата – келнерите може да заработуваат од 1.200 до 1.600 евра, додека готвачите достигнуваат и до 3.000 евра месечно. Барани се и пица-мајстори и скара-мајстори, со плати над 2.000 евра.
Дополнителна предност е што голем дел од работните позиции вклучуваат обезбедено сместување и храна, што ги прави овие работи привлечни за сезонските работници од регионот.
И покрај големиот интерес, најголем недостиг има за поквалификувани позиции, што укажува на долгогодишен проблем со недостаток на стручен кадар во туризмот и угостителството.



