Македонија
ЦУК предупредува: Речиси цела Македонија во зона со висок ризик од пожари

Речиси целата територија на Македонија се наоѓа во зона со висок ризик од појава и ширење на пожари, предупредуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), повикувајќи се на актуелниот метеоролошки индекс на пожар.
Според податоците на ЦУК, исклучок се Шар Планина и подрачјата околу Охрид и Ресен, каде што моментално е регистриран среден метеоролошки индекс на пожар, означен со жолта боја.
Во останатиот дел од земјата временските услови создаваат зголемена опасност не само од избувнување, туку и од брзо ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари со висок интензитет.
Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат максимално внимателни и одговорно да се однесуваат, особено при престој и движење во природа.
Посебно се предупредува да не се пали оган на отворено, бидејќи во актуелните временски услови и најмало невнимание може да предизвика пожар кој за кратко време би можел да зафати поголема површина.
Надлежните апелираат граѓаните веднаш да реагираат доколку забележат чад или пожар.
Секој забележан пожар треба веднаш да се пријави на единствениот број за итни случаи 112.



