Македонија
ФЗО предупредува: Да се обезбедат резерви на хелиум за МР апаратите

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) испрати итен апел до сите јавни здравствени установи во земјава кои располагаат со апарати за магнетна резонанца, да ја проверат состојбата со резервите на хелиум и навреме да обезбедат дополнителни количини. Причина за ваквиот чекор се најавите за можни нарушувања во снабдувањето на европскиот пазар, како и растот на цените поврзан со актуелните геополитички случувања, особено по агресијата на Израел и САД врз Иран.
Надлежните потенцираат дека хелиумот е од клучно значење за функционирањето на МР апаратите, бидејќи служи за ладење на нивните магнети. Во случај на недостиг, овие уреди не би можеле да се користат, што директно би се одразило врз дијагностичките услуги за пациентите.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, појаснува дека предупредувањето има превентивен карактер и има за цел да се избегнат евентуални прекини во работата на здравствените установи. Тој нагласува дека е важно институциите навреме да направат проценка и да реагираат додека хелиумот сè уште е достапен.
Во меѓувреме, цената на овој гас веќе е зголемена за околу 30 проценти, со прогнози дека може дополнително да расте. Причините се поврзуваат со нарушени глобални синџири на снабдување и нестабилност во регионот на Персискиот Залив.
Хелиумот е редок гас со исклучително ниска температура на вриење (околу -269°C), што го прави незаменлив за одржување на стабилноста на магнетните резонанци. За нормално функционирање, еден ваков апарат може да користи и до 1.700 литри течен хелиум.
Од ФЗО апелираат дека навременото планирање и набавка се клучни за да се избегнат застои во дијагностиката, имајќи предвид дека магнетната резонанца е една од најважните методи во современата медицина.



