Свет
Референдумот за оцепување на Алберта од Канада
Канадскиот премиер, Марк Карни, најавениот референдум за отцепување на сојузната држава Алберта го нарече „опасен блеф“, споредувајќи го со гласањето за Брегзит со кое Обединетото Кралство ја напушти Европската унија.

Канадскиот премиер, Марк Карни, најавениот референдум за отцепување на сојузната држава Алберта го нарече „опасен блеф“, споредувајќи го со гласањето за Брегзит со кое Обединетото Кралство ја напушти Европската унија.
Карни, кој за време на Брегзит беше гувернер на „Bank of England“, изјави дека и десет години по референдумот Британија „се уште се обидува да го поправи она за што луѓето не мислеле дека гласаат, а на крајот го добиле“.
Тој предупреди дека гласањето за отцепување не смее да се користи како средство за зајакнување на преговарачката позиција на Алберта кон Отава, бидејќи тоа може да предизвика несакани последици.
Жителите на Алберта најпрво на 19 октомври ќе гласаат дали сакаат да останат дел од Канада, а во зависност од исходот подоцна би се одржал и обврзувачки референдум за независност.
Во разговор со новинарите, Карни порача дека во наредните месеци ќе се залага за единство на Канада.
„Мораме да бидеме многу внимателни со ова“, рече тој, додавајќи дека „постои силен и позитивен аргумент за Канада и за силна Алберта во обединета Канада“.
Поддржувачите на независноста на Алберта сметаат дека властите во Отава долго време ја маргинализираат со нафта богатата покраина и дека федералните еколошки политики ја попречуваат изградбата на нафтоводи и гасоводи, како и развојот на природните ресурси.
Анкета на канадската компанија „Ангус Рид“ покажала дека тројца од петмина жители на Алберта би гласале за останување во составот на Канада.
На референдумот за Брегзит во 2016 година, 52 проценти од гласачите во Обединетото Кралство се изјаснија за излез од ЕУ, додека 48 проценти беа за останување. Британија формално ја напушти Унијата во 2020 година.



