Свет

Расте бројот на туристи во Шпанија, надминати 96 милиони туристи во 2025 година

Шпанија во 2025 година ја посетиле рекордни 96,8 милиони туристи, покажуваат најновите податоци на Националниот институт за статистика. Тоа претставува зголемување од 3,2 проценти во однос на 2024 година, кога биле регистрирани околу 94 милиони странски посетители.

Земјата останува меѓу најпосетуваните туристички дестинации во светот, при што туризмот учествува со околу 12,6 проценти во бруто домашниот производ. Според Светскиот туристички барометар на Обединетите нации, Шпанија се наоѓа на третото место според приходите од туризмот, зад Обединетото Кралство и Франција.

Министерството за туризам соопшти дека приходите од странски посетители минатата година се зголемиле за 6,8 проценти и достигнале 134,7 милијарди евра, во споредба со 126 милијарди евра во 2024 година. Од таму наведуваат дека растот на бројот на туристи и нивната потрошувачка се дел од стратегијата за развој на поодржлив туристички модел, со поголем фокус на квалитетот на понудата.

Најмногу туристи пристигнале во Каталонија – околу 20,1 милиони, што е раст од 0,6 проценти во однос на претходната година, по што следуваат Медитеранските и Канарските Острови. Најголем број посетители дошле од Обединетото Кралство (19 милиони), Франција (12,7 милиони) и Германија (12 милиони).

Ова е трета рекордна година за шпанскиот туризам од 2019 година, односно од периодот пред пандемијата на Ковид-19. Истовремено, зголемениот број туристи создаде дополнителен притисок врз пазарот на сместување, особено во поголемите градови, каде што краткорочните изнајмувања се сè позастапени. Тоа, според локалните жители, придонесува за раст на цените на недвижностите и отежнат пристап до долгорочно домување, пренесе „Бета“.

Тагови

Поврзани вести