Живот

Пронајден череп од најмалиот диносаурус

Откриен е најмалиот диносаурус познат на човештвото, зачуван во килибар стар 99 милиони години.

Научниците пронашле череп со димензии од околу центиметар, кој припаѓа на видот Окулудентавис каунграе кој наликува на птица. Черепот е зачуван во килибар, а најден е на северот на Мјанмар. Научниците можеле да го искористат примерот за правење на генерирани слики од диносаурус кој, според нивните проценки, бил долг околу 5 центиметри и тежел помалку од 30 грама. Смолата сочувала неколку детали од ова суштество, вклучувајќи 100 остри заби и очи како на гуштер.

“Тоа веројатно е најубаво сочуваниот череп на птица од ерата на мезозоикот која некогаш сум ја видела, и толку е чудна”, рекла Јингмај О’Конор од Институтот за палеонтологија и палеонтропологија во Пекинг, пренесува Independet.

Професорката рекла дека Окулудентавис, што во груб превод значи “птица со заби и очи”, бил помал од тоа што денес се смета за најмала птица, а тоа е колибри.

Според нивните наводи, ова суштество имало околу 100 остри заби, специфични за суштества кои се хранат со инсекти. Исто така имал голема очна дупка слична на гуштерите, со тесен отвор кој пуштал мала количина на светлина, што укажува дека бил активен во текот на денот. Откритието, опишано во списанието Nature, фрла ново светло на еволуцијата на птиците, кои се одвоиле од малите пердувести диносауруси пред околу 150 милиони години.

Тагови

Поврзани вести