Македонија

Продолжуваат врнежите: зголемен ризик од пораст на водостоите на реките

Врнежливото и променливо време во Македонија ќе продолжи и во наредниот период, со чести врнежи од дожд, а на планините и од снег. Според најавите, повремено се очекуваат и пообилни и поројни врнежи, поради што до крајот на седмицата постои зголемен ризик од пораст на водостоите на реките и можни локални излевања и поплави.

До крајот на неделата, територијата на земјата ќе биде под влијание на циклонска активност со центар над Џеновскиот залив. Од вечерва и во деновите потоа се очекуваат нови пообилни врнежи од дожд, повремено проследени со ретки грмежи и засилен ветер од јужен и југоисточен правец. На планинските предели над 1400 до 1500 метри надморска височина врнежите ќе бидат од снег.

Локално се очекува да наврне поголемо количество на воден талог, над 60 литри на метар квадратен.

Во Скопје и околината исто така се најавуваат врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат пообилни и придружени со засилен југоисточен ветер.

Температурите ќе бидат во пораст и во утринските и во дневните часови. Утринските температури насекаде ќе бидат над нулата, додека дневните во поголем дел од земјата ќе достигнуваат околу 10 степени Целзиусови, а локално и над оваа вредност.

Тагови

Поврзани вести