Свет

По повеќе од 50 години, НАСА се враќа на Месечината со екипаж

НАСА викендов го започна дводневниот финален тест-процес што треба да заврши со целосно полнење на ракетата со гориво – клучна проба од која ќе зависи точниот термин за лансирање на мисијата со четири астронаути кои ќе патуваат околу Месечината.

Екипажот, предводен од командантот Рид Вајсман, веќе се наоѓа во превентивен карантин како дел од стандардните здравствени протоколи. Тие ќе ја следат генералната проба од вселенскиот центар во Хјустон, пред да заминат кон вселенскиот центар Кенеди откако ракетата ќе добие „зелено светло“ за лет. Ова ќе биде првпат луѓе да се упатат кон Месечината по пауза подолга од пет децении, од последната мисија во 1972 година.

Ракетата од системот за вселенско лансирање (SLS), висока 98 метри, беше поставена на лансирната платформа пред околу две недели. Доколку денешната демонстрација на полнење гориво помине без проблеми, НАСА може да се обиде со лансирање во рок од седум дена. За време на тестот, резервоарите ќе бидат наполнети со повеќе од 700.000 галони екстремно ладно гориво, при што процесот ќе запре непосредно пред активирањето на моторите.

Неповолните, екстремно ниски температури претходно доведоа до дво-дневно одложување на тестирањата и на планираното лансирање. Во моментов, 8 февруари се смета за најраниот можен датум за полетување.

Астронаутите од САД и Канада, сместени во капсулата „Орион“ на врвот од ракетата, ќе изведат брз обиколен лет околу Месечината, по што директно ќе се вратат на Земјата, со планирано спуштање во Тихиот Океан. Целата мисија ќе трае околу десет дена.

За потсетување, во рамки на програмата „Аполо“, во периодот од 1968 до 1972 година, НАСА испрати 24 астронаути кон Месечината, од кои 12 зачекорија на нејзината површина.

Тагови

Поврзани вести