Култура
Почина Ерих фон Деникен – човекот кој ги поврза античките цивилизации со вонземјани
Ерих фон Деникен, швајцарскиот автор чии најпродавани книги за вонземското потекло на древните цивилизации му донесоа слава меѓу ентузијастите за паранормални појави и презир од научната заедница, почина на 90-годишна возраст.

Претставници на Ерих фон Деникен соопштија дека тој починал во болница во Унтерзеен, Швајцарија, еден ден пред објавата на веста на неговата официјална веб-страница.
Фон Деникен стекна светска слава во 1968 година со книгата „Кочии на боговите?“, во која изнесе теорија дека древни цивилизации, како Маите и Египќаните, биле посетени од вонземски суштества кои им пренеле напредни знаења. Делото предизвика голем интерес за необјаснети феномени во период кога човештвото се подготвуваше за првото слетување на Месечината.
По успехот на првата книга, следуваа повеќе од дваесет наслови со слична тематика, во кои авторот комбинираше алтернативна историја, археологија и фантазија. Според швајцарскиот јавен сервис SRF, неговите книги се продадени во речиси 70 милиони примероци и преведени на над 30 јазици.
Иако често критикуван од научната јавност, Фон Деникен остана доследен на своите ставови. Роден во 1935 година во Шафхаузен, тој уште во младоста се спротивставил на строгото католичко воспитување, развивајќи сопствени толкувања за потеклото на животот.
Неговиот живот бил обележан и со финансиски проблеми и судски постапки, но тоа не го спречи да продолжи со пишување, патувања и предавања ширум светот. Во текот на 1970-тите посетувал бројни археолошки локалитети во Египет, Индија и Латинска Америка.
Во подоцнежните години, неговите идеи повторно станаа популарни преку документарната серија „Ancient Aliens“, која од 2009 година наваму бележи голема гледаност и има емитувано стотици епизоди.



