Свет

Подготовки за потенцијална средба на Зеленски и Путин, најави Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека се започнати подготовките за средба меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски. Во изјава на социјалната мрежа Трут сошл Трамп ја нарече средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и другите европски партнери „многу добра“.

Трамп објави дека се започнати подготовките за средба меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски.

„На крајот од состаноците, го повикав претседателот Путин и ги започнав подготовките за состанок, на локација што ќе се одреди дополнително, меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски“, рече Трамп, додавајќи дека потпретседателот на САД Џ. Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе ги координираат договорите меѓу двете земји.

Во Белата куќа беа францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц, финскиот претседател Александар Стаб, британскиот премиер Кир Стармер, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Мерц оцени дека очекувањата од средбата во Вашингтон не само што се исполнети, туку и надминати, и дека рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретнат во рок од две недели.

Средбата, за која Путин се согласил за време на телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се одржи на сè уште неопределена локација, изјави Мерц пред новинарите.

„Американскиот претседател разговараше со рускиот претседател по телефон и се согласи рускиот и украинскиот претседател да се сретнат во следните две недели“, рече тој.

Мерц, исто така, рече дека верува оти цела Европа треба да учествува во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина, пофалувајќи ја најавата на Трамп дека и САД се подготвени да ги обезбедат.

Тој, исто така, рече дека смета оти ова се одлучувачки денови за Украина, но дека не е сигурен дали Путин ќе „има храброст“ да дојде на состанокот со Зеленски.

Затоа, тој му оддаде признание на Трамп за убедувањето на рускиот претседател да се согласи на состанокот.

Мерц и делегација на европски лидери се сретнаа со Трамп во Вашингтон во понеделникот за да му понудат поддршка на украинскиот претседател Зеленски, кој беше присутен. Тие, исто така, рекоа дека Трамп бил „импресиониран што Европејците дојдоа со обединет фронт“ и дека нивните разговори со американската администрација сега ќе се свртат кон деталите за безбедносните гаранции за Украина.

Тагови

Поврзани вести