Македонија

Пад на туризмот во првата половина од годината: Во јуни Македонија ја посетиле над 113 илјади туристи

Туристичкиот сектор во Македонија во првата половина од 2026 година бележи благ пад на бројот на туристи и остварените ноќевања во однос на истиот период минатата година.
Според податоците за периодот јануари-јуни 2026 година, вкупниот број туристи е намален за 0,5 проценти. Кај домашните туристи е регистриран пад од 3,1 процент, додека бројот на странски туристи бележи раст од 0,3 проценти.

Намалување има и кај бројот на остварени ноќевања. Во првите шест месеци од годинава се регистрирани 1,5 проценти помалку ноќевања во споредба со истиот период во 2025 година. Кај домашните туристи падот изнесува 3,3 проценти, а кај странските 0,7 проценти.

Само во јуни годинава Македонија ја посетиле 113.436 туристи, кои оствариле вкупно 221.608 ноќевања. Од вкупниот број туристи во јуни, 22,8 проценти биле домашни, а 77,2 проценти странски туристи. Кај ноќевањата, 29,2 проценти биле остварени од домашни гости, додека странските туристи учествувале со 70,8 проценти.

Турција и натаму е најзначаен извор на странски туристи. Во јуни Македонија ја посетиле 24.570 туристи од Турција.

На второ место се туристите од Србија со 8.522, следат Германија со 4.396 и Бугарија со 3.207 туристи.

Податоците покажуваат дека странските туристи во првата половина од годината го ублажиле падот кај домашниот туризам, но вкупниот број на туристи и ноќевања сепак останува нешто под нивото од истиот период лани.

Тагови

Поврзани вести