Култура

Отворена изложба за оперската дива Милка Ефтимова

Покрај оперската кариера и професионализмот, хуманоста и човечноста на Ефтимова се дополнителен извор на инспирација за сите нас.

Изложба посветена на примадоната со светска кариера, Милка Ефтимова (1936-2025) , беше отворена денеска во амфитеатарот на Спомен – куќата на Мајка Тереза. Автор е Василија Чали, а кураторки се Елизабета Марковска од Музејот на македонската борба за самостојност и Цветанка Вучковска – Митовска од Спомен – куќата на Мајка Тереза.

Поводот е 25 октомври – Денот на операта, а како што беше појаснето на настанот, станува збор за резултат на соработка меѓу НУ Спомен – куќа на Мајка Тереза и Музејот на македонската борба за самостојност. 

 

Пред присутните се обратија в.д. директорката на Музејот на македонската борба за самостојност – Анче Илиевска, в.д. директорката на Спомен – куќата на Мајка Тереза – Соња Кузмановска и доктор Александар Трајковски, музички публицист и педагог.

 

– По повод Светскиот ден на операта – 25 октомври, денеска заедно со колегите од Спомен – куќата на Мајка Тереза, со огромно задоволство ја претставуваме изложбата посветена на македонската оперска пејачка со светска кариера, Милка Ефтимова, со наслов „Оперска одисеја, наследството на Милка Ефтимова“. Гостувањето на изложбата произлезе, пред сѐ, како резултат на повеќегодишната соработка помеѓу двете институции и постоечкиот меморандум за соработка, од што произлегуваат бројните заеднички проекти, што со задоволство ќе продолжат и во иднина, подвлече Илиевска.

На настанот беше кажано дека Ефтимова била родена на 23 февруари 1936 година во Радовиш и потекнувала од седумчлено земјоделско семејство.

– Во 1951 година се запишува во средното музичко училиште во Скопје каде учи виолина, клавир и виола. Заедно со идниот маестро Александар Џамбазов прават квартет и учествуваат во емисиите на „Радио Скопје“, со музика во живо. Професорот Стефан Гајдов го препознава нејзиниот вроден талент за пеење и ја пренасочува на патот кон соло пеење. Ова го означува почетокот на трансформативното поглавје во нејзината музичка одисеја. Образованието го продолжува на Музичката академија во Љубљана, Словенија, под менторство на професорот Јулиус Бететто, долгогодишен солистички првенец на Виенската опера и под негов надзор, станува дел од хорот на Филхармонијата и Радиото. Текот на студиите се исполнети со настапи и концертни турнеи низ Европа, а најдобрите рецензии ги добива од Германија за операта „Аптекарот“ на Јозеф Хајдн, каде игра две улоги, Нотариус и Волпино на познатиот фестивал Бајроит, беше кажано.

Дипломирала во 1960 година, а веќе во 1961 година настапувала со Виенската филхармонија под диригенската палка на светски познатиот маестро Ловро Матачиќ.

– Тој е фасциниран од нејзините изворендни вокални квалитети и добива дирекна покана да биде солист на операта во Франкфурт, беше подвлечено на настанот.

Тагови

Поврзани вести