Македонија

ОПОЖАРЕНИ ОГРОМНИ ПОВРШИНИ ТРСКА ВО СТРУШКО ЗА ДА СЕ БЕТОНИРА КРАЈБРЕЖЈЕТО

Една третина од вкупната површина со трска е изгорена во пожарот од пред два дена во атарот на струшкото село Калишта. Пламените јазици проголтаа околу 10 хектари трска на брегот на Охридското Езеро. Пред еден месец, пак беше опожарена трска на површина од околу 400 метри квадратни во водите на Охридското Езеро во близина на Извидничкиот центар во Струга.

Граѓаните и екологистите загрижени обвинуваат дека трската неконтролирано се пали за лични интереси, а надлежните ништо не преземале да се спречи, како што велат, еколошкиот геноцид. Стравуваат дека на ваквите локации ќе никнат нови нелегални градби. Велат дека со градежна механизација се насипува и рамни опожареното место со шут и земја.

Граѓанскиот активист Никола Кукунеш вели дека во последните години палењето на трската во Струга е сè почеста појава.

„Како никогаш досега, во последниве години се врши спалувањето на трската и уништувањето на крајбрежниот појас меѓу Струга и Калишта. Тоа е природно живеалиште на многу видови птици, влекачи, растителен свет, тука е местото каде се мрести крапот, но апсолутно ништо не допира до оние коишто зацртале некаква агенда и ги тераат своите лични интереси. Надлежните институции воопшто немаат слух да се сопре овај негативен процес“, вели Кукунеш.

Според него, инспекциските служби излегуваат на терен само да воочат штета, но не и да превенираат или санкционираат. Општината, како што вели, мора да има систем на мониторинг за да се зачува она што останало од трската.

„Она што загрижува и она што е видливо на терен е тоа што по целата должина каде е опожарена трската веќе засилено се тампонира. Станува збор за земјоделско земјиште но прашањето е кому ми треба чакал, кому му треба тампон на земјоделско земјиште? Тука апсолутно не станува збор за земјоделие. Некој теренот го подготвува за сосема нешто друго“, додава Кукунеш.

Граѓанските здруженија обвинуваат дека со години само се констатира ваквата појава, а санкции нема оти сторителите остануваат непознати.

„Ова се случува постојано, палење трска, па бетонизација, плажа, објекти. Додека се поднесуваат пријави против непознати сторители, некој пред очите на сите ќе изгради објект на самата плажа. Ваквата практика мора да престане во спротивно целото крајбрежје ќе се бетонизира“, велат граѓанските активисти.

Од граѓанската иницијатива Охрид СОС постојано алармираат да запре ваквиот вандализам.

„Попусти се апелите и реакциите, ако институциите молчат или некого толерираат со децении. Свесни сте дека делот на струшкото крајбрежје е оставен на милост и немилост. Дали се трупа градежен шут и земја за да се прошири брегот, дали се пали трска, се депонира градежен отпад, се гради на самиот брег, се узурпира. Уништувањето на природното наследство никако да престане“, реагираат од Охрид СОС.

Градоначалникот Рамиз Мерко со став дека нема тампонирање на земјиште и нема да има никакви градби. Според него сè било шпекулација.

„Ние сме против палење на трската, можеме да апелираме да не се прави тоа. Ние не сме ни полиција ни обвинителство ни инспектори за да го спречиме тоа. Шпекулација е дека се пали за да се гради. Нема шанса некој да гради во тој дел каде е јавен имот. Шпекулација е дека ќе издадеме одобренија за хотели и други градби. Има приватен имот таму, но тој треба да се урбанизира и да се добијат сите позитивни мислења. Не може да се гради на диво“, тврди Мерко.Извор: sdk.mk

Тагови

Поврзани вести