Македонија
Обезбедени 149,2 милиони евра грант и 350 милиони евра кредити за источниот дел од Коридорот 8

Македонија обезбеди целосна финансиска конструкција за изградбата на третата делница од источниот железнички крак на Коридорот 8 кон Бугарија. Проектот ќе биде финансиран со грант од 149,2 милиони евра и 350 милиони евра поволни кредити од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, грантот од 149,2 милиони евра е најголемиот што досега го добила државата и покрива околу 30 проценти од потребните средства за реализација на проектот. Од вкупно 350 милиони евра кредитни средства, по 175 милиони евра се обезбедени од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Николоски посочи дека со обезбедувањето на средствата, потпишаниот договор со Бугарија и заложбата за изградба од двете страни, проектот за источниот крак на Коридорот 8 влегува во конкретна фаза на реализација.
Првата железничка делница од Коридорот 8 е завршена, додека изградбата на втората е во тек и, според најавите, треба да заврши до крајот на 2028 година.
Следниот чекор е избор на изведувач за третата делница. Николоски најави дека тоа треба да се случи до крајот на годинава, по што би започнала изградбата на последниот дел од пругата кон бугарската граница, вклучително и довршувањето на тунелот.
„Имаме 149,2 милиони евра грант, што е најголем грант што државата било кога го добила, или околу 30-тина проценти од вкупната сума која што е потребна. Имаме 350 милиони евра меки кредити, по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој“, истакна Николоски.
Тој оцени дека за две години проектот од состојба во која реализацијата била прекината кај тунелот, со отворени политички прашања со Бугарија, стигнал до фаза во која има обезбедено финансирање и договор со бугарската страна. Целта, според Николоски, била да се покаже дека Коридорот 8 може да се реализира како инженерски проект, со конкретни рокови и активности, а не да остане предмет на политички несогласувања.
Доколку изградбата на железничката инфраструктура од бугарска страна се одвива со динамика што ќе овозможи навремено поврзување, Николоски очекува во 2032 година да биде воспоставена железничка врска од Скопје преку Софија до Варна и Бургас.
Со реализацијата на источниот крак, Коридорот 8 треба да обезбеди железничко поврзување на Македонија со Бугарија и понатаму со бугарските црноморски пристаништа, што би го зајакнало транспортното и економското поврзување на земјата со регионот и ЕУ.



