Култура
Ново истражување: Првото писмо можеби е 40.000 години постаро од досегашните проценки

Историјата на човечкото запишување можеби започнала десетици илјади години порано отколку што досега се веруваше. Археолози открија повторувачки симболични шеми – линии, точки, засечоци и крстови – врежани на предмети стари и до 45.000 години, пронајдени во пештери во Германија.
Досега, најстарите облици на пишување се поврзуваа со протоклинестото писмо од древна Месопотамија, создадено пред околу 5.000 години. Подоцна се појавиле хиероглифите во Египет, како и раните писмени системи во Кина и Месоамерика. Но, новото истражување сугерира дека симболичката комуникација можеби има многу подлабоки корени.
Артефактите потекнуваат од периодот кога современиот човек штотуку започнал да се шири од Африка кон Европа и стапувал во контакт со неандерталците. Истражувачите анализирале повеќе од 3.000 симболи на 260 предмети, меѓу кои и клобови од мамути и фигури изработени од слонова коска.
Некои од најзначајните откритија се од пештерскиот систем Лонетал во јужна Германија. На мала фигурина од мамутов заб биле внимателно врежани редови крстови и точки. Слични ознаки биле забележани и на познатиот артефакт од пештерата Гајсенклестерле, каде што е прикажано митско суштество – половина човек, половина лав.
Според професорот Кристијан Бенц од Универзитетот во Сарланд, овие низа симболи можат да се сметаат за рана алтернатива на пишувањето. Анализите покажале висока повторливост и одредена предвидливост во редоследот на знаците, што, според истражувачите, укажува на организиран систем на комуникација.
Клучен елемент во истражувањето била густината на симболите – особено на фигурините, каде тие биле поизразени отколку на алатките. Ова, според тимот, упатува дека палеолитските ловци-собирачи користеле симболичен јазик за пренесување информации, можеби дури и мисли и значења.
Истражувачката Ева Дуткевич истакнува дека овие наоди потврдуваат дека луѓето од каменото доба биле когнитивно еднакви со современите луѓе. „Сè уште сме на почетокот во разбирањето на симболичките системи од тој период“, вели таа.
Доколку овие симболи навистина претставуваат рана форма на организирана комуникација, тоа би значело дека „ДНК-та на пишувањето“ постоела уште пред 40.000 години – многу пред појавата на првите познати писмени системи во Месопотамија.



