Економија

Нова мерка во Словачка: поскап дизел за возила со странски таблици

Возачите што патуваат низ Словачка од неодамна можат да се соочат со повисоки цени на дизелот во споредба со локалните граѓани. Од 18 март, земјата воведе различен ценовен режим за возила со странски регистарски таблички.

Мерката предизвика реакција од Европската комисија, која оцени дека ваквата пракса може да биде спротивна на правилата на единствениот пазар и да има дискриминаторски елементи.

Премиерот Роберт Фицо, пак, изјави дека одлуката е донесена како привремена мерка за справување со високите цени на енергенсите и заштита на домашниот пазар. Според владата, целта е да се спречи зголеменото полнење гориво од страна на возачи од соседните земји, што може да предизвика недостиг.

Во пракса, тоа значи дека странските возачи на одредени бензински пумпи плаќаат значително повеќе – над две евра за литар дизел, додека домашните цени се околу 1,57 евра.

Мерката е воведена на ограничен период од 30 дена, но властите не исклучуваат можност за нејзино продолжување доколку енергетската состојба остане нестабилна.

Од друга страна, Европската комисија најавува дека ќе го разгледа случајот и, доколку е потребно, ќе преземе соодветни чекори, оценувајќи дека заштитата на единствениот пазар е клучен приоритет.

Тагови

Поврзани вести