Култура

Невиден интерес за Себастијан Фицек: Германскиот автор со шестчасовно потпишување книги на Саемот во Скопје

Она што се случи оваа сабота на Саемот на книга во Скопје ќе остане запишано со златни букви во историјата на македонската книжевна сцена. Рекорден број посетители, километарски редици и само една причина – книжевната ѕвезда Себастијан Фицек.

Саемот на книга 2025 година во Скопје го одбележа досега невиден книжевен настан – гостувањето на светски познатиот германски автор на психолошки трилери, Себастијан Фицек. Илјадници посетители, од сите возрасти, но особено млади, се собраа за да се сретнат со својот омилен писател, при што се создаде редица што траеше со часови.

Фицек потпишуваше книги речиси шест часа без ниту една пауза, пречекувајќи секој читател со насмевка, топол збор и разговор. И покрај очигледниот замор, неговата енергија не стивна – напротив, со воодушевување ја прифати поддршката од македонската публика.

„Не паметам кога последен пат сум потпишувал вака многу книги. Дури ни на Саемот во Франкфурт не сум доживеал ваков ентузијазам. Бев импресиониран од тоа колку млада публика има тука во Скопје. Ги гледав луѓето како чекаат шест часа за да ме поздрават – тоа беше неверојатно. Благодарам, Македонијо!“, изјави Фицек за медиумите.

Настанот беше повеќе од обична промоција – прерасна во вистински книжевен спектакл, кој уште еднаш потврди дека љубовта кон книгата и авторот ги надминува сите граници. Саемот на книга 2025 ќе остане запаметен како моментот кога книжевноста во Македонија доживеа вистински триумф.

Тагови

Поврзани вести