Живот

Научниците снимиле орангутан како самиот си ја лекува раната со растенија

Орангутан во Индонезија е снимен како си става паста направена од растенија за да залечи голема рана на образот, кажаа научниците. Ова е првпат да е снимено животно во дивина како си третира рана со користење на лековита билка.

Откако научниците го забележале ова, раната се затворила и излекувала за еден месец. Тие сметаат дека ваквото однесување потекнува од заеднички предок на луѓето и големите мајмуни.

„Тие се нашите најблиски роднини и ова покажува дека сме послични со нив одошто различни“, вели биологот Изабела Лаумер од германскиот институт „Макс Планк“, која го водеше истражувањето.

Овој настан е снимен во националниот парк Гунунг Леусер. Истражувачите веруваат дека раната настанала при борба со ривалски орангутан. Тие го виделе ранетиот орангутан наречен Ракус како ги џвака стеблото и листовите од акар кунинг, антиинфламаторно и антибактериско растение, кое локалните жители го користат и за лекување на маларија и дијабетес.

Ракус постојано ја нанесувал течноста на образот седум минути. Потоа ја мачкал раната со џваканите листови додека не била целосно покриена. Пет дена подоцна, немало знаци на инфекција и раната била затворена, а по еден месец Ракус целосно бил излекуван.

Научниците заклучиле дека Ракус знаел дека нанесува лек зашто орангутаните ретко го јадат ова растение. Тие потоа забележале дека Ракус се одмора подолго од вообичаено, повеќе од пола ден и веруваат дека се обидувал да заздрави од повредата.

Тагови

Поврзани вести