Култура

Наградуваната претстава „Народен пратеник“ со нови гостувања

Претставата „Народен пратеник“, работена по текст на Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, на 6 април ќе биде изведена во рамки на петтото издание на фестивалот „5-РЕ“ во Велес.

По настапот, актерската екипа заминува за Србија, каде на 8 април ќе учествува на јубилејното 30-то издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац.

Претставата досега има значајно присуство на регионалната сцена како дел од својата балканска турнеја. Изведувана е во Народно позориште Белград, како и во Црна Гора и Босна и Херцеговина, а гостувала и на реномирани фестивали, меѓу кои и „Стериино позорје“.

„Народен пратеник“ е добитник на повеќе признанија, вклучително и наградата „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање, како и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра.

Во претставата настапуваат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски, заедно со ансамблот составен од Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Тагови

Поврзани вести