Клима
Метео: Сончево со температури над 25 степени за викендот

Од денес (четврток) до недела, Македонија ќе биде под влијание на стабилна и потопла воздушна маса од југ, што ќе донесе сончево и суво време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во пораст, а најтопло ќе биде за време на викендот, кога во поголем дел од земјата ќе надминуваат 20 степени, додека во Повардарието и југоисточните делови ќе достигнат и над 25 степени.
Утрешното утро (петок) ќе биде посвежо, со пониски температури, особено на повисоките места и на планините, каде се можни и утрински мразеви. Потоа следува постепено затоплување, па и утринските температури ќе растат.
Во текот на целиот период ќе дува северен ветер, кој повремено ќе засилува, најизразено долж Повардарието.
Во Скопје се очекува стабилно, сончево и суво време со умерена облачност. За време на викендот температурите ќе надминуваат 25 степени, проследени со повремен засилен северен ветер.


