Македонија

Македонија денес одбележува 154 години од раѓањето на Гоце Делчев

Македонија денес одбележува 154 години од раѓањето на Гоце Делчев, еден од најистакнатите дејци на македонското револуционерно движење и човек чија визија далеку го надминувала неговото време.

По тој повод, централната свеченост ќе се одржи во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што ќе бидат положени свежи цвеќиња пред неговиот саркофаг. На настанот ќе присуствуваат претставници на државниот врв, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, делегација од Собранието предводена од потпретседателката Весна Бендевска, пратеници, претставници на Град Скопје, како и делегации од различни институции, политички партии и граѓански организации.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Образованието го стекнувал во солунската гимназија, а потоа и на Воената академија во Софија. Работел како учител во Штип, а подоцна, како член на Централниот комитет на ТМОРО, активно учествувал во создавањето и зајакнувањето на организациската мрежа – комитети, бази и чети низ Македонија.

Поради својата неуморна посветеност на револуционерната кауза, бил познат како „апостол на револуцијата“. Како просветител, хуманист и борец за слобода, Делчев патувал низ многу краишта, организирајќи ја борбата за ослободување на македонскиот народ. Токму затоа, за противниците на револуционерното движење тој претставувал една од најголемите закани и честа цел на нивните обиди за ликвидација.

Тој земал учество на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година, а подоцна, до 1901 година, ја извршувал должноста задграничен претставник на организацијата во Софија. На 4 мај 1903 година, на пат кон Сер, бил убиен од турска војска во селото Баница.

Посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година почиваат во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје, каде што и денес му се оддава почит како на еден од најголемите симболи на македонската борба за слобода.

Тагови

Поврзани вести