Култура
„Кратка хронологија“ – изложбата со која Игор Станоески – Иги Мен ја заокружува 2025 година
Изложбата „Кратка хронологија“, зад која стои Игор Станоески – Иги Мен, ќе биде отворена во вторник, на 30 декември, во скопското „Бифе Тафталиџе“. Станоески е мултимедијален уметник со богато и разновидно творештво, познат како академски скулптор и сликар, но и како активен музичар, композитор и аранжер, текстописец и продуцент.

Игор Станоески, познат под уметничкото име Иги Мен, е еден од ретките автори на домашната сцена што подеднакво уверливо се движи низ повеќе уметнички светови. Академски образуван скулптор и сликар, но и активен музичар, композитор, аранжер, текстописец и продуцент, Станоески со години гради препознатлив мултимедијален израз.
Роден е на 2 јули 1986 година во Скопје. Своите први чекори во ликовната уметност ги прави во Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“, на отсекот за применето вајарство, а подоцна дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Жарко Башески.
По завршувањето на студиите, неговиот интерес се насочува кон истражување и поврзување на различни медиуми – звукот, формата, цртежот и бојата – во единствена мултимедијална целина. Иако првите меѓународни признанија ги добива преку музиката и аудио-визуелните проекти, со текот на времето сè поизразен станува неговиот фокус кон традиционалните ликовни дисциплини, особено сликарството и скулптурата.
Во 2017 година, Станоески го официјализира своето творештво со основањето на „Креативна работилница ИГИМЕН“, платформа преку која се занимава со создавање и издавање аудио записи, како и со продукција на визуелна уметност.
Како ликовен уметник, Иги Мен има реализирано бројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Неговите дела често обработуваат лични психолошки и пошироки општествени теми, изразени преку експресивна форма и неконвенционален избор на материјали.
На 30 декември, во Бифе Тафталиџе, тој ќе ја претстави својата нова изложба на слики насловена „Кратка хронологија“. Станува збор за селекција на дела создадени во изминатите шест години, кои авторот ги гледа како краток, но јасен пресек на својот понов творечки период.
Покрај визуелната уметност, Иги Мен има и исклучително богата музичка кариера. Со музика започнува да се занимава уште на 16-годишна возраст, кога неговиот талент е препознаен од компанијата „Јамаха“, станувајќи нивно официјално заштитно лице за Македонија во 2003 година.
Во 2006 година го отвора фестивалот „Блуз и Соул“ во Скопје, каде редовно настапува и денес. Во 2010 година со самостоен концерт го отвора Блуз и Соул фестивалот во Скопје, а истата година настапува и како гостин на Грег Рајт, гитарист од легендарната турнеја Thriller на Мајкл Џексон.
Посебно значајна е и пофалбата од Брус Илгауер, основачот на култната издавачка куќа „Alligator Records“ од Чикаго, кој неговата изведба на „Red House“ од Џими Хендрикс ја споредува со интерпретациите на водечките американски гитаристи од неговата генерација.
Во 2011 година, настапува како гостин на Shakura Saida Blues Band, заедно со Дона Грантис – дел од последниот состав на групата Third Eye Girl на Принс. Две години подоцна, во 2013, Игор Станоески завршува во конкуренција од над 2600 уметници на меѓународниот натпревар Playcrossroads (организирана од корпоративната мрежа на Ерни Бал и Ерик Клептон). Во гласањето на публиката и жири комисијата при изборот на првите 10 уметници, беше рангиран на 7-мо место.
Со повеќе од две децении активна музичка кариера, Иги Мен има реализирано над 2.000 клубски и концертни настапи во Македонија и во странство. Зад себе има и повеќе од 50 снимени авторски и стандардни композиции, достапни на неговиот YouTube канал, како и две концертни ДВД-изданија – „Modern Vintage“ од 2009 година и издание реализирано во рамки на Блуз и Соул фестивалот 2010, под покровителство на Град Скопје.
Во 2018 и 2019 година реализира настапи и кратка турнеја во Германија, меѓу кои и учество на Reckenberg Blues Festival, како и бројни клупски концерти, гостувања, снимања и изложби.



