Култура
Книги, автори и настани: стартува Саемот на книга

Арената „Борис Трајковски“ од 23 до 29 април ќе биде домаќин на Саемот на книга 2026, кој годинава се одржува под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“. Дел од средствата од продадените влезници ќе бидат наменети за СОС Детско село.
Во текот на седумте саемски дена, повеќе од 60 издавачи ќе претстават над 130 наслови и автори, меѓу кои и гости од Чешка, Холандија, Италија, Исланд и САД. Настанот ќе биде отворен секој ден од 10 до 20 часот.
Свеченото отворање е закажано за 23 април во Промотивниот центар, а програмата продолжува со доделување награди, панел-дискусии и бројни средби со автори. Меѓу најавените гости се чешкиот писател Јиржи Хајичек, како и повеќе странски автори кои ќе гостуваат на штандовите на домашните издавачи.
Покрај меѓународните гости, саемската програма вклучува и богата понуда на домашни изданија – од книжевност и поезија до историски и научни трудови. Посебен акцент е ставен и на детската програма, со работилници и промоции на книги за најмладите.
Организаторите очекуваат повеќе од 30.000 посетители, што го прави овој настан еден од најзначајните културни собири во земјава.



