Македонија
ИЈЗ предупредува: 21 препорака за безбедни празници
ИЈЗ со апел: Празниците да се прослават умерено и одговорно
Новогодишниот период носи радост и прослави, но истовремено значително го менува секојдневниот ритам на живеење, особено навиките во исхраната, консумирањето алкохол и користењето пиротехника. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира граѓаните да внимаваат на своето здравје и безбедност за време на празниците.
Доцното јадење – тивок ризик за здравјето
Празничните собири најчесто се одржуваат во доцните вечерни и ноќни часови, кога се консумира поголема количина калорична и нутритивно небалансирана храна. Иако ваквото однесување често се смета за краткотрајно, неговото повторување може да остави сериозни последици врз здравјето.
Во вечерните часови, организмот природно работи со намален метаболички капацитет. Намалена е инсулинската чувствителност, а дигестивниот систем е побавен, што доведува до потешкотии во регулирањето на шеќерот во крвта и зголемено таложење масти. Дополнително, доцните и обилни оброци често предизвикуваат лош сон, рефлукс, надуеност и чувство на тежина.
На подолг рок, овие навики се поврзуваат со зголемен ризик од дебелина, срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и други хронични болести.
Препораки за исхрана за време на празниците
ИЈЗ советува:
-
Последниот поголем оброк да се јаде најмалку 3 до 4 часа пред спиење
-
Ако вечерата е доцна, да се избира полесна и помалку калорична храна
-
Да се избегнува масна, пржена и силно зачинета храна навечер
-
Да се внимава на големината на порциите
-
По јадење да не се легнува веднаш, туку да се направи пауза или кратка прошетка
-
Во деновите меѓу прославите да се одржува редовен распоред на оброци
-
Лицата со хронични заболувања да бидат особено внимателни
По завршувањето на празниците, важно е да не се продолжи навиката на доцно јадење и постепено да се врати здравиот режим на исхрана.
Алкохол – умереност и одговорност
Новогодишните прослави традиционално се поврзани со зголемена консумација на алкохол, што може да доведе до здравствени и безбедносни ризици. ИЈЗ апелира на умереност и самоконтрола.
Клучни препораки се:
-
Да се избегнува прекумерно и брзо пиење
-
Никогаш да не се управува возило под дејство на алкохол
-
Да се комбинира алкохол со храна и доволен внес на вода
-
Да се внимава на можни интеракции со лекови
-
Бремените жени, малолетниците и лицата со хронични болести да не консумираат алкохол
Во случај на симптоми како губење на свест, конфузија или повраќање, потребно е итно да се побара медицинска помош.
Пиротехника – сериозна опасност, особено за децата
ИЈЗ предупредува дека употребата на петарди и пиротехнички средства претставува сериозен ризик за повреди и пожари. Особено се загрозени децата, постарите лица и домашните миленици.
Се препорачува:
-
Децата и малолетниците да не користат пиротехника
-
Никогаш да не се ракува со пиротехника под дејство на алкохол
-
Да не се активира повторно средство кое не експлодирало
-
Да се внимава на бучавата и влијанието врз околината
-
При повреда или пожар веднаш да се побара помош од надлежните служби
Порака до граѓаните
Институтот за јавно здравје им посакува на сите граѓани среќна, мирна и здрава Нова 2026 година, со апел празниците да се прослават одговорно, со грижа за сопственото здравје, безбедноста на блиските и заедницата.



