Македонија
Денеска камен-темелник за автопатот Скопје–Блаце, инвестицијата вредна 222 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува и ќе се обрати на поставувањето на камен-темелникот за изградба на автопатот Скопје–Блаце, еден од позначајните инфраструктурни проекти за патното поврзување на главниот град со границата со Косово.
Новата автопатска делница ќе биде долга 10,5 километри, а вредноста на проектот изнесува 222 милиони евра.
Изведувач на градежните работи е Гранит АД Скопје, кој согласно договорот треба да ја заврши изградбата во рок од четири години.
Новата делница треба да се поврзе со веќе изградените 1,5 километри од автопатот Скопје–Блаце, во близина на граничниот премин Блаце. Со тоа треба да се комплетира автопатското поврзување на овој патен правец.
Договорот за изградба беше потпишан на 20 август годинава меѓу градежното друштво Гранит АД Скопје и Јавното претпријатие за државни патишта.
Со денешното поставување на камен-темелникот официјално се означува почетокот на реализацијата на новата делница, чија изградба според предвидениот рок треба да заврши во следните четири години.



