Клима
Временска прогноза за 2025: Натпросечни температури и зголемен ризик од топлотни бранови
Според првите долгорочни прогнози од метеоролошката служба „Сивијр ведр Јуроп“, летото 2025 година носи динамични временски услови за европскиот континент.

Иако почетокот на сезоната може да биде попролетен со зголемени врнежи, средината и крајот на летото најавуваат посуви периоди и зголемен ризик од топлотни бранови.
Како ќе се одвива преминот од пролет во лето?
Според анализите на „Сивијр ведр Јуроп“, пролетта 2025 година ќе биде обележана со специфични атмосферски услови. Област со низок притисок над Западна и Северозападна Европа ќе овозможи прилив на потопол и повлажен воздух од Средоземното Море, додека висок притисок над Источна и Североисточна Европа ќе доведе до потопли од просечните температури.
Најголем дел од Европа ќе биде под влијание на топла воздушна маса, при што на запад ќе се забележат поблаги температурни аномалии, а на исток и североисток ќе има поизразено зголемување на температурите. Кога станува збор за врнежите, очекувањата се за натпросечни количества на западот и северозападот, додека Југоисточна Европа, под влијание на антициклон, ќе биде посува.
Јуни: Првите сигнали за топло лето
Раните проекции на моделот ЕЦМВФ за јуни покажуваат формирање на нископритисочна област над Северозападна Европа и северниот Атлантик, додека антициклон ќе се зајакне над Источна Европа и Скандинавија. Овој распоред создава услови за западни и југозападни воздушни струи, што значи потопол воздух и зголемена влажност, често поврзани со нестабилност и интензивни временски услови.
Во јуни температурите ќе бидат над просекот во поголемиот дел од Европа, а најизразени ќе бидат во Централна, Југоисточна и Северна Европа. Врнежите ќе бидат обилни во западните и централните региони, додека југот и југоистокот ќе останат посуви.
Јули и август: Топлотни бранови и ризик од суша
Јули 2025 година се очекува да биде особено топол месец, со стабилен и силен антициклон над Централна и Северна Европа. Оваа ситуација носи продолжени топлотни бранови и сушни услови. Најголеми температурни аномалии ќе се забележат во Централна и Југоисточна Европа, додека врнежите ќе бидат минимални.
Во август, топлотните бранови ќе продолжат, со што летото ќе заврши со исклучително топли и суви услови. Високиот притисок ќе остане доминантен над Централна и Северна Европа, а само на исток може да се забележат нешто поблаги температури. Врнежите ќе бидат ретки, што дополнително ќе го зголеми ризикот од суша.
Што може да се очекува во Македонија?
За Македонија, температурната прогноза покажува натпросечни вредности во сите три летни месеци – јуни, јули и август. Според анализите, најинтензивни топлотни бранови се предвидуваат во јули и август.
Во однос на врнежите, јуни може да донесе нешто поголеми врнежи од просекот, но веќе во јули и август, доминацијата на антициклонот ќе предизвика значително посушни услови. Ова носи зголемен ризик од суша, особено во внатрешноста на земјата.
Летото 2025 година носи екстремни температури и ограничени врнежи за Македонија. Иако почетокот на сезоната ќе биде релативно влажeн, во подоцнежните месеци се очекуваат сушни услови и зголемен ризик од топлотни бранови. Останува да се следат идните метеоролошки анализи за понатамошни детали и потенцијални промени во прогнозата.