Свет
Во Турција откриен леб стар 8.600 години

Археолозите во Турција, на локалитетот Чаталхујук во Коња кој е под заштита на УНЕСКО, открија квасен леб стар дури 8.600 години, покрај остатоци од многу оштетена печка. Тоа говори за древните корени на овој основен прехранбен производ кои датираат уште од 6.600 година п.н.е., а пронајдениот леб се смета за еден од најстарите кои се било кога откриени.
Колку што е разновидна географијата на Турција, толку е и културата на лебот. Бројните пекари и домашни мајстори со љубов подготвуваат десетици видови леб и пецива со локални состојки. Во Црноморскиот регион посетителите можат да уживаат во златно-жолт леб од пченкарно брашно, додека во источна Анадолија може да се вкуси топол танур-леб кој се комбинира со супи, или со гулаш во централна Анадолија. Она што се служи со секој оброк во Турција е класичниот сомун, но туристите секако дека треба да пробаат и од бројните други регионални варијации. На пример, пиде, дебел рамен леб што обично се пече во камени печки на дрва, кој може да се сретне во повеќе видови, како што се тирнак, томбак или рамазан пиде, зависно од начинот на подготовка и послужување. Овој вид леб често се дополнува со разни преливи, и тоа сирење, спанаќ, запржено месо, мелено јагнешко, и е толку популарен, што посебни пицерии за пиде можат да се најдат на секој чекор, од метрополите како Истанбул, па до малите гратчиња.
Во Анадолија жените подготвуваат и јуфка и лаваш, а правењето на овие два вида леб е нивна заедничка активност и традиција впишана и во Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО во 2016 година. Јуфката, односно тенките кори од тесто што се развлекуваат, се чуваат или за зимница, или се користат во посебни пригоди, како што се свадби. Најчесто се јаде за појадок, во комбинација со сирење. Дури и самата баклава која е национален десерт на Турција, се прави од тенки слоеви на јуфка. Лавашот, пак, е вид на рамен леб кој најчесто се служи со сочни кебапи, донер, вегански ќофтиња и други специјалитети на скара.


