Македонија
Белчишко Блато чекор поблиску до статус Парк на природата
Министерството за животна средина и просторно планирање ја иницираше законската постапка за прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје, во рамки на категоријата IV – Парк на природата.
Белчишкото Блато е едно од поважните влажни подрачја во земјава, сместено на територијата на општина Дебрца, и се одликува со исклучително богата биолошка разновидност. Подрачјето има клучна улога во зачувувањето на ретки и загрозени растителни и животински видови од национално, но и европско значење, како и во одржувањето на природната рамнотежа и екосистемските функции во регионот. Истовремено, локацијата е веќе препознаена како потенцијално Натура 2000 подрачје.
Во рамки на подготовката на предлог-законот, Министерството предвидува низа активности, меѓу кои и јавно информирање преку официјалната веб-страница на институцијата, како и преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Јавните консултации со заинтересираните страни и граѓаните ќе траат 20 дена од денот на објавувањето на нацрт-текстот на законот во ЕНЕР, период во кој ќе може да се доставуваат забелешки, мислења и предлози. Доколку се укаже потреба, во текот на процесот може да се организираат и директни средби со засегнатите страни, како и јавна расправа.
Сите коментари и сугестии поврзани со предложениот закон можат да се поднесат и електронски преку порталот ЕНЕР.
Министерството нагласува дека активното учество на јавноста е клучно за обезбедување ефикасна и долгорочна заштита на Белчишкото Блато, при што ќе се почитуваат и природните вредности и потребите на локалната заедница. Во тој контекст, се упатува повик до сите заинтересирани субјекти да се вклучат во процесот и да придонесат кон заедничката цел – зачувување на природното богатство за идните генерации.



