Свет
Пучдемон повторно во Каталонија: Дојдов да ве потсетам дека сè уште сме тука
Поранешниот лидер на Каталонија по седум години се врати во Шпанија: Дојдов да ве потсетам дека сè уште сме тука

Иако Шпанија усвои закон за амнестија за неколку стотици поддржувачи на независноста во мај, Врховниот суд одлучи дека тоа не се однесува на Пучдемон поради „проневера“ на јавни пари како дел од обидот за отцепување. На сила е налог за негово апсење издаден од суд во Мадрид.
Пучдемон потоа, опкружен со поддржувачи, тргна кон парламентот во Барселона. Во 10 часот требаше да започне расправа за изборот на премиер на шпанскиот социјалист Салвадор Ила, унионист кој доби најмногу гласови на изборите одржани во април.
Партијата на Пучдемон, Заедно за Каталонија, соопшти дека ќе побара прекин на парламентарната расправа доколку Пучдемон биде уапсен. Другите партии кои ја поддржуваат независноста на автономната покраина на североисток со 7,5 милиони жители го поддржаа тој став.
Се очекува каталонските сепаратисти да се соберат околу парламентот, а протест најавија и шпанските унионисти предводени од десничарската партија Вокс.
Пучдемон можеше да се врати во Шпанија без гранични контроли бидејќи Белгија, каде што живее, како и соседна Франција, каде што водеше кампања за изборите во Каталонија, се во Шенген зоната, така што нема гранични контроли меѓу овие земји.