Македонија

Пелистер вистински избор за одмор – сенки, ладовина и природа

Температури пониски најмалку за 5 степени, сенки, ладовина, природа. Во овие денови со високи температурии, битолчани често знаат да се качат на Пелистер и да уживаат во планината.

Битолчани велат дека ја користат секоја прилика да дојдат, но и дека Пелистер има потенцијал за уште повеќе.

-Убаво е, цел живот доаѓаме. И попладне може да дојдеш, децата порано овде доаѓале на летување. Мислам дека има капацитет за повеќе да се користи, вели посетител.

Од Националниот парк Пелистер велат дека годинава е намален бројот на посетители, особено на странските туристи и иселениците.

– Мора да кажам дека е само околу 20% од онаа бројка која ја имавме претходните години, тоа е непријатно сознание, но интересно е што имаме повеќе туристи од нашата држава, претежно од Скопје и од други градови, кои поретко доаѓале, изјави Пеце Цветановски од Национален парк Пелистер.

За искористувањето на ваучерите за домашен туризам и потенцијалот на Пелистер, Цветановски вели:

-Има еден угостителски објект, Молика од детското одморалиште на МТСП, кое не функционира последните години, бројот на оние кои можат да дојдат и да се сместени на Пелистер се сведува на стотина легла во Молика и околните хотелите кои се наоѓаат во Трново, Магарено и околината, Ниже Поле. Апелот би бил – секако дека тие се заинтересирани за повеќе туристи и нека повелат туристите доколку објектите функционираат со картички и други можности за давање погодности на туристите.

Најпосетеното место на Пелистер е Инфо центарот, потоа мала и голема ливада, како и местото наречено „Кај печурката“. Од Националниот парк велат дека особено при високи температури и за викенд, овие места се полни со посетители, додека во работните денови е порелаксирано.

Тагови

Поврзани вести