Живот
Пандемијата да им ги отвори очите на сите за погрижлив однос кон животната средина
Намалено загадување во Кина, чисти канали и бистра вода во Венеција, враќање на загрозени животински видови, регенерирање на природата – во услови на светска пандемија од коронавирус се одбележува 50 годишнината од Денот на планетата Земја.
Од центарот за истражување за природата „ Еко-свест“ велат дека пандемијата која во изминатите два месеци го зафати целиот свет, на сите луѓе им ги отвори очите за односот на човекот кон Планетата, природата, средината и здравјето.
Од невладината денеска преку социјалните мрежи спроведуваат акција насловена „Зелено ветување кон самите себе“, со цел да ги поттикнат граѓаните да ги променат навиките за заштита на животната средина.
„Доколку сите направиме напори да ги промениме нашите скоејдневни навики, едноставна работат како заштеда на електрична енергија во домот која во моментов доаѓа од валкан извор на енергија во нашата земја може да значи многу за промена на политиките на власта во насока на зголемување на енергетска ефикасност и овозможување субвенции за енергетска ефикасност на домовите“, вели Елена Николовска – „Еко свест“.
Денот на планетата земја денеска се одбележува и во светски рамки преку бројни дебати и онлајн активности. Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги повика владите- решeнијата за економскиот пад предизвикан од пандемијата на коронавирусот да ги насочат во борба против климатските промени.
„Постои уште една, подлабока вонредна состојба, а тоа е тековната еколошка криза на планетата. Јавните средства треба да се користат за иднината, а не за минатото и да одат во одржливи сектори и проекти кои помагаат на животната средина и климата“, вели Гутереш.
Денот на планетата Земја за прв пат е одбележан во 1970 година во САД, а денес го одбележуваат над 175 држави во светот. Целта на одбележувањето е да се подигне нивото на свесност кај нејзините жители за зачувување на животната средина, да укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење и исцрпувањето на ненадоместливите енергенси.