Македонија
Re – imagination – Модата како дел од еко-системот во Македонија
Скопскиот моден викенд деновиве ги покани сите млади дизајнери со помалку од 3- годишно искуство да бидат дел од проектот Re – imagination – Модата како дел од екосистемот. Имено, станува збор за проект кој обезбедува едукација и инспирација за новата генерација модни дизајнери за оддржливи теории и техники на дизајнирање, со цел да се поттикне растот кон циркуларниот моден систем.
“Преку оваа иницијатива сакаме да му дадеме нов живот на текстилниот “отпад” на неочекуван начин. Младите дизајнери имаат за задача да создадат одржлив моден дизајн од текстилен отпад, а производот треба да создаде нова врска со модата за позитивни промени на планетата и еколошката свест во нашата земја. Она што треба да го направат за да обезбедат учество е да испратат мудборд илустрирајќи ја темата и 3 скици со идејата за “реставрирање на модата” со користење на техники за одржлив дизајн на Нула-отпад на info@fashionweekendskopje.mk до 12 септември, најдоцна до 17:00 часот. 12 дизајнери или студенти ќе учествуваат на финалниот перформанс и изложба за време на 18. издание на Моден викенд Скопје (ноември) и ќе земат учество во серија работилници за одржлив дизајн под менторство на Ирина Тошева”, велат организаторите и додаваат:
“Модната индустрија е втора економска гранка во светот и е една од главните виновници за загрозувањето на животната средина. Брзата мода произведува огромни количества отпад. Околу 40 проценти од купените алишта ретко или никогаш не се носат – во просек облеката се носи само 3,3 пати во текот на животот кај едно лице – а околу една третина од малопродажната облека никогаш не се продава и затоа е изгорена или уништена по друг пат. Со овој проект сакаме да и дадеме втор живот на облеката вреднувајќи го и туѓиот труд. Модата има моќ да направи позитивни промени, повторно да створи мерки против тековно штетните системи”.
Проектот е поддржан од Министерството за економија на РМ во соработка со Текстилниот Кластер Македонија и “Пакомак”.