Вести

Kој го создава отпадот од храна?

Биоотпадот не вклучува шумски или земјоделски остатоци и затоа не треба да се меша со терминот „биоразградлив отпад“ кој ги опфаќа и другите биоразградливи материјали како дрво, хартија, картон, отпадна тиња, природен текстил.

Биоотпад значи биоразградлив отпад кој се создава при преработка и консумирање храна од различни извори, или отпад кој го генерираат граѓаните, кафулињата, рестораните, домаќинствата, компаниите и останатите субјекти, градини и паркови, малопродажни простори, како и отпад од погоните за преработка на храна. Биоотпадот не вклучува шумски или земјоделски остатоци и затоа не треба да се меша со терминот „биоразградлив отпад“ кој ги опфаќа и другите биоразградливи материјали како дрво, хартија, картон, отпадна тиња, природен текстил.

Постојат бројни дефиниции поврзани со терминот „отпад од храна“, но терминот „загуба на храна“ генерално се однесува на загубите на храна по бербата, отфрлени поради некаков „дефект“, без разлика дали е безбеден или небезбеден за човечка исхрана, или пак, на загубите со ненамерно фрлање храна што се случува пред и при производството на храна. Терминот „вишок храна“ е поврзан со вишокот произведена храна и се јавува кога снабдувањето со храна ја надминува побарувачката. Затоа дефиницијата „отпад од храна“ ги вклучува и „загубата на храна“ и „вишокот на храна“, заедно.

Биоотпадот претставува глобален проблем кој негативно се одразува на животната средина, социјалниот статус и економијата. Според Светска банка, во 2021 година има 2,01 милијарди тони или зголемување од 70% во однос на 2016 година, а се предвидува дека во светот би имало до 3,40 милијарди тони во 2050 година. Неговото отстранување има значаен придонес за глобалното затоплување поради емисија на стакленички гасови, како што се метан (CH4), јаглерод диоксид (CO2) и азотен оксид (N2O).

Биоотпадот може да се трансформира на различни начини. Најбрз начин на трансформација е со негово претворање во гориво кое ќе ги замени фосилните горива, а ќе го намали и загадувањето на животната средина. Различните видови биоотпад може да се трансформираат според разликите во карактеристиките на соединенијата, со примена на екстракција на биолошки активни компоненти, или со термохемиски и биохемиски техники. Добиените био производи може да се користат во прехранбената индустрија, фармацевтската индустрија, козметиката, во процесите на синтеза, како и во процесите на третман на отпадни води добиени од различни видови индустрија.

Автор: Д-р Јана Клопчевска, Технолошко-металуршки факултет, УКИМ, Скопје

Тагови

Поврзани вести