Свет

„Гугл“ разви вештачка интелигенција што пополнува празнини во римски натписи

Историските натписи од Римското Царство честопати се тешки за читање и фрагментирани, но новата алатка за вештачка интелигенција од истражувачката единица „Дипмајнд“ на „Гугл“ би можела многу да им ја олесни работата на историчарите. Алатката, наречена „Аенеас“, по митскиот тројански херој, се користи за да се предвиди каде и кога се направени натписите и предлага зборови што би можеле да ги пополнат оштетените или изгубените делови од текстот.

-„Аенеас“ им помага на историчарите да толкуваат и реконструираат фрагментирани латински текстови. Тоа беше голем предизвик што си го поставивме – вели д-р Теа Сомерсхилд, историчар на Универзитетот во Нотингем, која ја развила алатката во соработка со „Гугл“.

Алатката не функционира како едноставен пребарувач што споредува зборови, туку бара подлабоки историски врски меѓу натписите. Обучена е на база на податоци од речиси 200.000 познати латински натписи, кои заедно содржат околу 16 милиони знаци. Покрај текстот, понекогаш користи слики од натписи за да пронајде слични обрасци и да предложи контекст.

– Она што ги прави римските натписи посебни е тоа што ги напишале луѓе од сите сфери на животот. Не станува збор за историја напишана од победниците, туку од обични луѓе – додала Сомерсхилд.

Натписите се движат од монументални ѕидни натписи до царски декрети, графити, љубовни песни, деловни записи и секојдневни пораки. Но, повеќето се оштетени, нецелосни или со непознато потекло, што им отежнува на истражувачите да работат со нив.

Алатката покажува импресивни резултати, го менува пристапот кон проучување на римските натписи

Во тестовите алатката покажала импресивни резултати. Кога била замолена да го анализира познатиот натпис „Рес Гестае Диви Аугусти“, во кој царот Август ги опишал своите достигнувања, вештачката интелигенција предложила две можни временски рамки: првата деценија од пр.н.е. или периодот помеѓу 10 и 20 година од н.е. – што се совпаѓа со постојните научни дебати.

Во друг случај, анализирајќи натпис на олтар од антички Могонтијак (сега Мајнц, Германија), алатката пронашла јазични сличности со претходните локални натписи, што укажува на влијанието на постар извор.

Тагови

Поврзани вести