Свет
BMW ги советува вработените да доаѓаат со е-велосипед
Повеќето директори во BMW досега пристигаа на работа со „тешки“ службени лимузини. Баварскиот производител има идеја против сообраќајниот хаос во Минхен. Вработените ќе доаѓаат со електрични велосипеди
Концернот BMW воведе нова мера во борбата против застојот и недостигот од паркинзи во Минхен. Вработените во централата на BMW во баварската престолнина отсега имаат на располагање службени велосипеди. Тоа треба да ги поттикне вработените да се префрлуваат на превозни средства што се подобри за животната средина и не зафаќаат простор.
Префрлувањето на велосипеди е сосем логична мера, затоа што сообраќајниот колапс во Минхен не може да се спречи ако сите продолжат да возат автомобили. Дополнителен проблем е тоа што многумина пристигаат на работа во Минхен од блиските градови. За нив е неизводливо да доаѓаат на работа со велосипед.
BMW на своите клиенти им нуди изобилство модели со исклучителна еко-нота, сега тоа ќе мора да го почитуваат и вработените
Од почетокот на месецов, вработените во Минхен можат да изнајмуваат службени велосипеди. Место со автомобил од премиум марка со богата коњска ергела под хаубата, тие во иднина ќе доаѓаат со електричен велосипед. Трошоците за овие велосипеди кои чинат повеќе илјади евра ќе се надоместат при исплаќањето на бонусот за успех.
Работничкиот совет во BMW очекува дека новата мера ќе придонесе за растоварување на сообраќајот во Минхен, кадешто автомобилската марка вработува 40.000 лица. Доколку само десет проценти од персоналот се префрлат на велосипед, ќе се ослободат две катни гаражи.