Вести

46 загинати во поплавите во САД, вонредна состојба во Њујорк и Њу Џерси

Бројот на жртвите од поплавите во североисточниот дел на САД се искачи на 46, соопштија тамошните власти, додека американскиот претседател Џо Бајден одобри вонредна состојба во државите Њујорк и Њу Џерси.

Во големи делови на Њујорк, Њу Џерси, Конектикат и Пенсилванија, жителите го поминаа денот соочувајќи се со поплавени подруми, прекин на струја, оштетени покриви и повици за помош од пријателите и членовите на семејството, објави Reuters.

Најмалку 13 жители на Њујорк го загубија животот, додека гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, на Twitter објави дека најмалку 23 лица загинале како последица на невремето во таа држава.

Улиците се како реки

Во средата вечерта, обилните поројни дождови предизвикани од остатоците од ураганот Ида, еден од најсилните што го погодија американскиот брег, за неколку минути направија улиците да личат на поројни реки, при што загинаа најмалку четворица возачи во Њу Џерси, додека во Њујорк беа поплавени подземни линии и беа приземјени летови.

Гувернерите на Њујорк и Њу Џерси во средата прогласија вонредна состојба, а во четвртокот беше одобрена од американскиот претседател Џо Бајден, кој исто така нареди федерална помош да ги надополни напорите за локална реакција поради условите што произлегуваат од ураганот Ида, соопшти Белата куќа доцна синоќа.

Тагови

Поврзани вести