Македонија

На 40 локации ќе бидат поставени станици за полнење на електромобили

До крајот на годинава полнењето ќе биде бесплатно, а во текот на 2019 година ќе се одреди цена што се очекува да биде пониска од цената на бензинот. Студија на МАНУ предвидува до 2035 година да има промена на целиот возен парк во земјава, односно 40 отсто од возилата да бидат електрични од кои 25% чисто електрични, а 16% плуг-ин електрични возила

Електричните автомобили како поекономични и поеколошки, полека, но сигурно ќе ги истиснуваат бензинците и дизелашите кои испуштаат јаглерод двооксид во воздухот. Автомобилската индустрија се насочува кон овој тип на автомобили, а расте и интересот кај купувачите иако се поскапи. Според податоците на Меѓународната агенција за енергетика, бројот на електрични превозни средства на светско ниво лани пораснал на рекордни 3,1 милион возила, а се предвидува до 2030 година да има од 125 до 220 милиони електрични возила во светот.

Во Македонија сликата е поинаква. Интересот и продажбата на ваков тип возила е мал. Тоа се должи на недоволно развиената инфраструктура и инсталирањето на полначите за овој тип автомобили иако и ова полека се менува. Според некои податоци, во првото полугодие од годинава од вкупно продадените 1.755 нови возила, само три се со електричен погон, а 27 се хибриди.

Со цел стимулирање на купувањето и користењето на електромобили, поставени се над 40 станици за полнење на електрични возила во 17 градови низ Македонија, најчесто на централни локации на јавно достапни паркинзи. Од нив 21 станица се поставени во Скопје, каде има и станици поставени во рамки на фреквентни бизнис објекти како хотели, ресторани и шопинг центри.

– За да може да го направи тоа неопходно е да се пријави во компанијата и да добие електронска картичка со која се активира полнењето. До крајот на годинава полнењето на електрични возила ќе биде бесплатно, а во текот на наредната година ќе се одреди цена што се очекува да биде пониска од цената на бензинот – вели претседателот на УО на ЕВН Македонија, Штефан Петер.

Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ има изработено студија за транспорт според која до 2035 година за 35 отсто треба да се намали емисијата на јаглероден двооксид од транспортот. Студијата предлага повеќе мерки да се исполнат како што се: намалување на акцизата и ДДВ при увоз на хибридни возила од 18 на 5 проценти и да нема акциза за електрични возила. Постепено изедначување на акцизата за дизелот и бензините и зголемување на еколошката такса за горивата од сегашните 0,08 отсто од продажната цена за литар бензини и 0,03 отсто за литар дизел на 0,3 отсто.

– Разликите од таксите да се користат за субвенционирање на купување на хибридни и електрични возила. Се предлага да има субвенции од 5.000 евра за набавка на електрично возило и 1.000 евра за плуг-ин возила. До 2035 се предвидува да има промена на целиот возен парк во земјава и претежно да има електрични или хибридни возила, односно 40% од возилата да бидат електрични од кои 25% чисто електрични, а 16% плуг-ин електрични возила – се наведува во студијата на МАНУ.

Тагови

Поврзани вести