Живот
Шведска го доби првиот трговски центар во светот каде што се продаваат рециклирани производи
Во трговскиот центар има кафуле и ресторан каде што можете да се одморите од купувањето. „ReTuna Återbruksgalleria“ има околу 50 продавници за рециклирани и половни производи
Ре Туна Атербруксгалериа (ReTuna Återbruksgalleria) е првиот трговски центар во светот каде што ќе се продаваат рециклирани и веќе користени производи. Трговскиот центар се наоѓа во шведскиот град Ескилстуна, на 100 километри од Стокхолм. Целта на овој трговски центар е да се намали непотребното полнење на депониите, да се подобри економијата и да се заштити и животната средина.
Затоа што луѓето од современите општества веруваат дека секоја работа што ја поседуваат треба да е нова, голем дел апарати, облека и предмети кои во одлична состојба, се фрлаат. Некои од луѓето ги носат и во продавници за половна облека, доколку ги најдат, но најчесто нивниот дом е депонијата.
Шведска нашла одличен начин да се справи со овој проблем, со „ReTuna Återbruksgalleria“ каде што се продаваат само вакви производи. Во трговскиот центар има кафуле и ресторан каде што можете да се одморите од купувањето. „ReTuna Återbruksgalleria“ има околу 50 продавници за рециклирани и половни производи.
– Нашата идеја е дека купувачите можат да остават мебел или пак облека која не им е потребна. Потоа прават круг околу трговскиот и си наоѓаат што им е потребно. Можат и да отидат на органски ручек во нашиот ресторан за да соберат сила за уште еден круг. Кога ќе заминат од трговскиот сакаме луѓето да се чувствуваат дека направиле нешто корисно за околината – вели Ана Бергстром менаџер во „ReTuna Återbruksgalleria“.
Трговскиот центар освен продавници и ресторан има и дел за изложување, простории за конферецнии, па дури и колеџ каде што се учи за рециклирањето.
Персоналот на трговскиот центар ги прима продуктите кои се носат, ги дели рециклираните од тие што треба да се поправаат или малку да се подноват. Предметите потоа се предаваат во работилници за реновирање и се продаваат во специјални продавници каде што може да се најде од мебел и градежни материјали до облека.
Се очекува одредени индустрии први да го прифатат овој тренд, како што се индустријата за пулпа и за хартија, поради глобалната свест за тоа колку се скапоцени дрвјата за планетата. Се очекува и други индустрии да го следат примерот. Од материјалите кои ќе играат голема улога во циркуларната економија на прво место е пластиката, која истовремено е предизвик и најголема можност затоа што многу работи што ги користиме денес се направени од пластика.