Свет
14 отсто од храната се губи на пат до продавниците, а 820 милиони луѓе гладуваат
Речиси 14 отсто од храната произведена во светот се губи пред да стигне до малопродажбата, објави денес агенцијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО).
Намалувањето на таа бројка би го зголемило глобалниот економски раст и продуктивноста и би придонело на борбата против гладот во светот и намалувањето на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, се наведува во извештајот.
„Често се прашувам како можеме да дозволиме да се фрла храна кога повеќе од 820 милиони луѓе во светот и понатаму секој ден гладуваат“, истакнува во извештајот генералниот директор на ФАО Ку Донгју.
ФАО прави разлика меѓу „губењето“ на храната, термин кој се однесува на храната која се губи по жетвата или во транспортот до продавниците, и храната која завршува како „отпад“, односно непродадената храна која ја фрлаат супермаркетите или потрошувачите кои не ја конзумираат.
ФАО во 2011 година објави дека речиси третина од светската храна се губи или завршува во ѓубре секоја година, а во најновиот извештај истакнува дека тоа била „многу груба“ проценка.
Агенцијата наведува дека проценката за количеството храна која завршува како „отпад“ во светот ќе ја објави подоцна.
ФАО на крајот на извештајот истакнува дека решавањето на тој проблем е многу тешко, а целосната елиминација можеби и не е реална.