Македонија
10-та најава дека: “Следниот месец ќе се чисти линданот од кругот на Охис”?!
Веќе десетина пати во последните неколку години од органите на власта беше најавувано дека "Од следниот месец ќе се чисти линданот од кругот на Охис".Останува да видиме дали и овојпат ќе биде само најава или навистина ќе биде реализирано чистењето.
Линданот во дворот на ОХИС ќе почне да се чисти наредниот месец, најави министерот за животна средина Насер Нуредини.
Владата го одобрила планот на министерството за отсранување на малата депонија, а граѓаните кои што живеат во околината ќе бидат правовремено известени за да ги преземат потребните мерки за почетокот на дејствијата.
-Градот неконтролирано расте, ние сме свесни дека во тој регион околу фабриката има значително зголемување на урбани населби, наша задача е да се грижиме и да се заштити населението, да поттикнеме да се имплементира овој план со цел да не ни се случуваат вакви загадувања, вели Насер Нуредини – Министер за животна средина.
Денеска земјава доби нова опрема со која што ќе се следи загаденоста на воздухот и почвата за време на процесот на чистењето на линданот и неговите изомери во фабриката.
-Во ОХИС се депонирани линдан, но повеќе и изомерите, така да всушност ќе го следиме сето тоа, во почва и во воздух на почетокот, а потоа идејата е да се шириме малку во опсегот и да одиме на мониторирање на други органски загадувачи, влеи Марина Стефова- ПМФ.
Опремата која што ја доби институтот е донација од Норвешка во рамките на „Нордиска поддршка на Македонија“ и чини 94.000 долари. Две агенции при Обединетите Нации ќе работат заедно на санирање на загадената почва. Околу тоа кога ќе се чисти големата депонија со линдан во ОХИС, министерот немаше конкретен одговор..