Економија
И покрај тоа што сточниот фонд е намален, а голем дел од јагнињата се извезоа
Тешко дека ќе има македонско јагне да се купи за православниот Велигден. Сточарите продадоа над 80 отсто од јагниња за католички Велигден, а најголем дел се извезоа во Италија и Хрватска. И покрај тоа што сточниот фонд е намален, а голем дел од јагнињата се извезоа, сточарите се надеваат дека ќе остане јагнешко и за домашниот пазар. Но, ќе биде со повисока цена и со послаб квалитет, бидејќи оние јагниња од прва и втора категорија веќе се извезоа. Сточарите сметаат дека откупната цена, која се движи од 220 до 240 денари за килограм жива мера, е ниска со оглед на зголемените трошоци и повисоката цена на сточната храна. Но, мора да ги продадат јагнињата за да ги добијат субвенциите од државата. Велат дека состојбата во сточарството е многу тешка и ако продолжи вака ќе нема ни јагниња, ни овци

Тешко дека ќе има македонско јагне да се купи за православниот Велигден. Сточарите продадоа над 80 отсто од јагнињата за католички Велигден, а најголем дел се извезоа во Италија и Хрватска. И покрај тоа што сточниот фонд е намален, а голем дел од јагнињата се извезоа, сточарите се надеваат дека ќе остане јагнешко и за домашниот пазар. Но, ќе биде со повисока цена и со послаб квалитет, бидејќи оние јагниња од прва и втора категорија веќе се извезоа.
Сточарите сметаат дека откупната цена која се движи од 220 до 240 денари за килограм жива мера е ниска со оглед на зголемените основни трошоци и повисоката цена на сточната храна. Но, мора да ги продадат јагнињата за да ги добијат субвенциите од државата.
-Не сме задоволни од односот на кланичарите кон сточарите кои се однесуваат надмоќно и ја користат ситуацијата со уредбата за субвенционирање. Сточарите мора да ги предадат јагнињата во регистриран кланичен капацитет за да ги добијат субвенциите кои годинава изнесуваат 1.000 денари за предадено јагне. Потребно е извозниците да покажат грижа за сточарите и соработката да биде на прво место. Сточарите очекуваа дека откупната цена ќе биде повисока со оглед на инфлацијата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Никола Георгиев, претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци.
Според него, производната цена не се покрива веќе години наназад и тоа е една од причините за падот на овчарството во земјава.
-Не е нереално барањето за повисока откупна цена со оглед на тоа што нашето јагне е квалитетно и многу ценето на пазарите надвор од државата. Освен во Италија и Хрватска годинава се очекуваше македонското јагне да се извезе во Бугарија, но таму цената е пониска од нашата. Поради тоа потребни се нови пазари за македонското јагне, додава Георгиев.
Според Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес вели дека тешко дека ќе остане јагне за православниот Велигден, а и продажната цена е многу висока.
– Ако откупната цена е 240 денари, тогаш продажната не треба да биде повисока од 550 денари за килограм. Не мислам дека пред Велигден цената на јагнешкото ќе падне, напротив, мислам дека ќе се качи, а и ќе го нема, бидејќи целото ќе се извезе, вели Јанков.
Сточарите се незадоволни поради откупната цена и поради тоа што се условени од извозниците. Велат дека состојбата во сточарството е многу тешка и ако продолжи вака ќе нема ни јагниња, ни овци.
Во споредба со лани, кога беа извезени околу 200 илјади јагниња, оваа година се очекува бројот да биде далеку помал поради намалениот сточен фонд.
Инаку цената на јагнешкото месо во месарниците се движи околу 800 денари за килограм и е највисока во регионот. Во соседна Србија, јагнешкото месо се продава за околу 400 денари за килограм, додека во Грција за околу 500 денари за килограм.