Култура
Ќе започне рестарвација на камената кула од 17 век во Кавадарци
Ќе се реставрира и става под заштита камената кула од втората половина на 17 век, најстарата сочувана градба во Кавадарци. Тогаш била најдоминантна во градот. Ова го потврди кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, одговарајќи на прашање од советникот во Советот на Општината, Горан Кузмановски.
Натка Китева, кустос историчарка во Музеј галеријата во Кавадарци, појаснува дека станува збор за Маркова кула, што се наоѓа во најстарото градско јадро познато под името „Полана“, а таму денес се наоѓа и истоимениот мал парк. Позната е уште како Маркова или Турска кула и се наоѓа во Кулевското маало.
– Не е познато кој ја изградил, но со сигурност се знае дека имала одбранбен карактер како и останатите кули што се граделе во тој период. Средновековната кула под која започнало формирањето на градот е изградена од камен и малтер, а ѕидовите достигнуваат дебелина до 1 метар. По својата форма таа е со квадратна основа и е висока околу 20 метри, споделува Китева.
Кулата е на пет ката, а внатрешноста била изградена од квалитетно дабово дрво.
– Првиот и вториот кат се без прозорци, а на третиот има само еден тесен, мал прозорец. На четвртиот и петтиот кат има по три прозорци со железни решетки. На јужниот ѕид од четвртиот кат поставен е отвор за одбрана, а до прозорецот е нанесен симс од камен од каде е бранет пристапот во тврдината. Се раскажува дека оттука се фрлани камења, можело да се истура жешко масло и слично, подвлекува Китева.
На петтиот кат постои отвор што служел за одвод на нечиста вода. Единствен влез кулата имала на вториот кат, а пристапот до него бил направен со камени скали.