Вести

Љубљана: Полицијата употреби солзавец и водени топови врз демонстрантите на протестите за воведените остри владини мерки

Словенечката полиција денеска употреби солзавец и водени топови против демонстрантите на антивладиниот протест во Љубљана, во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ.

 

Стотици демонстранти денеска излегоа на протестот заради острите владини мерки против коронавирусот, а ова е трет ваков инцидент во главниот град на Словенија во последниот месец, пишуваат американските медиуми.

Словенечката полиција постави контролни пунктови и го ограничи сообраќајот и движењето недалеку од Љубљана, каде што ќе се одржи самитот.

Според полициските извештаи, приведен е водачот на протестот, а запрени се околу 30 автобуси што ги носеле демонстрантите од другите градови во Љубљана.

Полициски хеликоптер прелетуваше над центарот на главниот град, додека полицијата истрела солзавец и употреби водени топови врз демонстрантите кои се движеа низ центарот на Љубљана.

Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Стоп за корона фашизмот“, барајќи еднакви права за вакцинираните и невакцинираните граѓани.

Како и повеќето земји од Централна и Источна Европа, и Словенија во последните недели бележи зголемување на бројот на заразени со Ковид-19 иако процентите на вакцинирани граѓани се високи во сите земји.

 
Тагови

Поврзани вести