Свет
Јокохама: Почна истоварот на патници од крузерот „Дајмонд Принцес“
По 14 дена во карантин во пристаништето во Јокохама, почна истоварот на првите патници од крузерот „Дајмонд Принцес“ на кој во изминатите денови беа утврдени 540 случаи на корона-вирус. Болеста во поблага форма беше регистрирана и кај еден од тројцата македонски државјани на бродот кој беше сместен во една од здравствените установи во градот. Операцијата ќе трае три дена.
Крузерот го напуштија 500 лица кои не покажаа симптоми на корона-вирус. Нивните тестови беа негативни и немаа никаков контакт со заболените лица, наведе јапонското Министерство за здравство.
„Ако вие и лицето кое беше со вас во кабина сте негативни, немате респираторни симптоми или температура, можете да се подготвувате за напуштање на крузерот“, сласеше пораката на јапонските власти до патниците.
Лицата без симптоми и со негативни тестови притоа ќе добијат потврда дека „не претставуваат никаков ризик за зараза со корона-вирус“.
Патувањето на околу 3.700 лица и членови на екипажот од 56 земји на бродот „Дајмонд Принцес“ се претвори во кошмар. По десетици нови случај се регистрираа секој ден што ја стави под прашање ефикасноста за управување со криза на бродот. Но, патниците, сепак, изразија задоволство од грижата што ја добиле.
„Наше признание и почит за капетанот и персоналот за нивната неверојатна грижа и внимание за време на оваа круза“, напиша Јардели Вонг на Твитер, која беше на бродот со нејзиниот шестгодишен син.
Првата евакуација од бродот се случи во неделата кога 30-тина Американци беа префрли во земјата, постапка на која се подготвуваат и други држави за преземање на своите граѓани кои ги очекува уште двонеделен карантин.
Екипажот и персоналот, според протоколот, ќе остане на крузер уште две недели до симнување на последниот патник од крузерот.