Свет
Јемен развива екотуризам на Сокотра среде војната
Со своите раскошен пејзаж, необични дрвја, уникатни животни и тиркизни води, Јемен се надева дека архипелагот Сокотра ќе стане туристичка дестинација од сништата, иако земјата веќе седум години е во војна, од која не се гледа излез.
Сместени во Индискиот Океан на 200 километри од брегот на Јемен, шесте острови се дом на 50.000 луѓе и тие останаа речиси недопрени д војната, што го уништи остатокот на земјата и предизвика ужасни страдања.
„За среќа, Сокотра досега не беше погодена од војната на јеменското копно. Никакви тензии и борби не се забележани, па туристите немаат потреба да бидат загрижени. Откако се обновија летовите од Абу Даби, добивме илјадници барања“, велат од локална туристичка агенција.
Јемен, кој и пред војната беше најсиромашната држава на Арапскиот Полуостров, со години се обидува да го претвори архипелагот во центар за екотуризам.
Сокотра се наоѓа 250 километри од Рогот на Африка и 1.000 километри од Аден, од каде што оперира јеменската влада. Таа е позната по уникатен, вонземски биодиверзитет: речиси една третина од тамошните 825 растенија и 90% од сите видови рептили се карактеристични само за неа, вели УНЕСКО, кој ја опишува Сокотра како „Галапагос на Индискиот Океан“.