Македонија
Јавни услуги со еден клик

Апликацијата м.Услуги ќе им овозможи на граѓаните електронски пристап до лична карта и возачка дозвола, а целта е сите јавни услуги да станат достапни онлајн. Тоа го истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министерот укажа дека веќе има готова тест-верзија на м.Услуги, со над две илјади симнувања во првите 24 часа, но се осврна и на судските уверенија – за неосудуваност, кривична и деловна способност, за кои посочи дека исто така веќе се дигитализирани и достапни преку националниот портал за само неколку минути.
Андоновски нагласи дека дел од институциите, како што се факултетите и Агенцијата за вработување, веќе ги признаваат дигиталните документи, но останува потребата сите институции да го следат истиот принцип. Министерството ќе преземе чекори за целосно надминување на овој проблем.
Активно се работи на приклучување кон роаминг-зоната на ЕУ
Во врска со меѓународната дигитална поврзаност, Андоновски истакна дека Македонија активно работи на приклучување кон роаминг-зоната на Европската Унија, со цел граѓаните да ги користат мобилните услуги во странство под исти услови како дома. Тој додаде дека ако Македонија не успее да го реализира тоа следната година, ќе се пристапи и кон билатерални разговори со земјите каде што граѓаните најчесто патуваат, слично како што направија Украина и Молдавија.
Андоновски се осврна на проектот „Е-Бебе“, за кој посочи дека ќе се реализира следната година и ќе претставува значаен чекор кон поефикасна комуникација меѓу институциите и граѓаните. Според него, проектот ќе овозможи граѓаните да не мора лично да прибираат документи од државните институции, туку истите тие да се разменуваат електронски преку државните регистри.
– Целта е да стигнеме до фаза каде што граѓаните нема да мора лично да ги прибираат овие документи, туку институцијата сама ќе ги прибавува од државните регистри. Проектот, кој го нарековме „Е-Бебе“, ќе започне следната година и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и институциите – изјави Андоновски и дополни дека Министерството за дигитална трансформација останува посветено на дигитализација на јавните услуги и на забрзување на процесот на дигитална трансформација на државата.



