Свет
Шефот на ОН ги призна недостатоците на договорот постигнат во Глазгов
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди на претстојната „климатска катастрофа“, а климатската активистка Грета Тунберг го опиша климатскиот договор постигнат во Глазгов со „бла, бла, бла“. По драмата во пет до дванаесет во Шкотска, дури и оние што го фалат постигнатиот договор велат дека ни претстои голема работа за да ја спасиме планетата.
Шефот на ОН ги призна недостатоците на договорот постигнат во саботата вечер во Глазгов.
„Исходот од КОП26 е компромис, тој ги одразува интересите, противречностите и состојбата на политичката волја во денешниот свет“, напиша тој на Твитер. „Тоа е важен чекор, но не е доволен.“
„Нашата кревка планета виси на конец“, предупреди Гутереш. „Сè уште сме пред вратата на климатската катастрофа“, додаде тој.
Во нов твит, шефот на ОН испрати порака до „младите луѓе, домородните заедници, жените лидери, сите што ја предводат климатската акција“. „Знам дека можеби сте разочарани. Но ние се бориме за нашите животи и мора да победиме во таа борба“.
Грета Тунберг, веројатно најпознатата климатска активистка во светот, беше многу поостра. „КОП26 заврши“, напиша таа на Твитер. „Еве го резимето: бла, бла, бла. Но вистинската работа продолжува надвор од овие сали. И ние никогаш нема да се откажеме“, напиша Тунберг.
Тунберг и другите активисти го осудија начинот на кој се одвиваше КОП26 и ги повикаа светските лидери дека по нивните зборови не следувала вистинската акција.
Британскиот премиер Борис Џонсон остана релативно оптимистичен. „Има уште многу да се направи во годините што доаѓаат“, рече Џонсон.
„Но денешниот договор е голем чекор напред и она што е клучно, го имаме првиот меѓународен договор за постепено отстранување на јагленот и план за ограничување на глобалното загревање на 1,5 Целзиусов степен.“
Европската комисија (ЕК) објави дека договорот ги одржува во живот целите на Парискиот договор за климата од 2015 година и „ни даде шанса да го ограничиме глобалното загревање на 1,5 Целзиусов степен“.
Шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен рече дека делегатите на конференцијата постигнале напредок во обврските за намалување на емисиите и собирањето 100 милијарди долари годишно за помош на земјите во развој и ранливите земји.
„Нема да има време за опуштање: ни претстои тешка работа“, додаде таа.
Драма во последен момент
Во последен момент во Глазгов се одвиваше драма кога Индија, поддржана од Кина и другите земји во развој зависни од јагленот, ја отфрли клаузулата со која се повикуваше на „постепено укинување“ на производството на електрична енергија на јаглен. По преговорите на претставниците од Кина, Индија, Соединетите Држави и Европската Унија, клаузулата беше променета во „постепено намалување“ на употребата на јаглен.
Австралиската влада пред неколку дена објави дека ќе продолжи да продава јаглен во наредните децении. Но Кевин Руд, поранешниот австралиски премиер и сега претседател на Азиското друштво, и натаму е полн со надеж.
„Иако со официјалниот текст не се постигна договор за постепено укинување на јагленот, изјавите на светските лидери во Глазгов не оставаат сомнеж дека јагленот ќе биде „испратен во историјата“.
Промената на тој еден збор во случајот со јагленот наиде на вчудовиденост кај богатите европски земји и малите островски нации, но и кај другите земји во развој.
„Веруваме дека сме ставени на страна во еден нетранспарентен процес што не ги вклучува сите“, рече мексиканската претставничка Камила Изабел Зепеда Лизама.
„На сите ни останаа некои грижи, но ни беше кажано дека не можеме повторно да го отвориме текстот, додека други сè уште можат да бараат да се разводнат нивните ветувања“.
Но Мексико и другите рекоа дека ќе го прифатат ревидираниот договор таков каков што е.
Постигнувањето договор отсекогаш било прашање на балансирање на барањата на нациите чувствителни на климата, големите индустриски сили и оние земји, како Индија и Кина, што зависат од фосилните горива за да си ги зајакнат економиите и да го извлечат населението од сиромаштија.
Гласот на претседателот на КОП26, Алок Шарма, се кршеше како одговор на гневот на ранливите нации поради промените во последен момент.
„Се извинувам за начинот на кој се одвиваше овој процес“, рече тој пред собранието. „Длабоко ми е жал.“
Сеопфатната цел на конференцијата, која климатските активисти и ранливите нации ја сметаат за скромна, беше да се „одржи во живот“ целта за ограничување на глобалното загревање на 1,5 Целзиусов степен.
Научниците предупредуваат дека загревањето над тој праг може да предизвика неповратни и неконтролирани климатски ефекти.
Текстот ги повикува нациите до следната година да постават построги цели за намалување на емисиите, така што со него практично се признава дека обврските сè уште се несоодветни. Сегашните ветувања на нациите може да предизвикаат загревање од 2,4 Целзиусови степени.
Преговорите доведоа до напредок во правилата за тргување со емисиите на јаглерод.
Компаниите, како и земјите со големи шумски површини, се залагаа за силен договор за пазарите на јаглерод, надевајќи се дека така ќе ги легитимизираат и брзорастечките глобални доброволни пазари на „јаглеродни кредити“.
Договорот им овозможува на земјите делумно да ги исполнат своите цели за климата со купување „јаглеродни кредити“, што потенцијално ќе го отвори патот за билиони долари инвестиции во заштита на шумите, постројки за обновлива енергија и други проекти за борба против климатските промени.
„Ерата на јагленот се ближи кон крајот“
Џенифер Морган, извршна директорка на климатската организација Гринпис, рече дека чашата е половина полна.
„Го сменија зборот, но не можат да го променат сигналот на овој КОП, дека ерата на јагленот се ближи кон крајот“, рече таа. „Ако сте директор на компанија за производство на јаглен, овој КОП ви предвиде лош исход“.
Земјите во развој тврдат дека богатите нации, чии емисии во голема мера се одговорни за глобалното загревање, мора да ги финансираат нивните напори да се откажат од фосилните горива и да се приспособат на сè посилните влијанија на климатските промени.
Договорот нуди ветување за двојно финансирање за климата до 2025 година, но повторно без никакви гаранции. Следната година, Комитетот на ОН ќе поднесе извештај за постигнатиот напредок во распределбата на 100 милијарди евра годишно за финансирање на климата, откако богатите нации не го исполнија тоа ветување до 2020 година.
Финансирањето повторно ќе биде тема на дискусија во 2024 и 2026 година.
Многу ранливи нации се очајни бидејќи договорот не предвидува финансирање на загубите и штетите поврзани со климата, ветување дадено во Рамковната конвенција на ОН за климатски промени од 1992 година.
Богатите нации повторно одбија да ја признаат финансиската одговорност за сите години штетни емисии што ги предизвикаа климатските промени додека се движеа кон економски просперитет.
„Пакетот не е совршен. Измената на јагленот и лошиот исход на загубите и штетите се големи удари“, рече Тина Сти, претставничка за климата од Маршалските Острови. Сепак, „делови од пакетот во Глазгов се спас за мојата земја“.
„Не смееме да ги игнорираме клучните победи опфатени со овој пакет“, рече Сти.