Македонија
Шар Планина до 2038 година мора да биде заштитена

Природата на Шар Планина до 2038 година мора да биде заштитена. Сите села да имаат организирано собирање на сметот, канализација и пречистителни станици за отпадни води. Месните заедници да имаат одлучувачка моќ и нивниот глас да се вреднува и слуша. Во идното заштитено подрачје сите чинители работат здружено со иста цел а тоа е заштита на природата и благосостојба на локалното население. Ова е визијата на претставниците на локалното население од шесте општини под Шар Планина (Гостивар, Врапчиште, Боговиње, Теарце, Јегуновце и Тетово) презентирана на шест одделни трибини за креирање на заедничка визија за планината за 20 години од сега.
Ваквото видување на локалното население беше презентирано во рамки на трибините коишто се одржаа од 26 март до 07 мај во организација на платформата Пријатели на Шара на коишто учествуваа околу 200 клучни чинители од Полошкиот регион.
Иако на овие трибини се истакнале проблемите поврзани со прекумерна и неконтролирана сеча на шумите на Шар Планина, криволовот, прекумерниот отпад во природата и дивите депонии близу населените места, прекумерната урбанизација, неправилното собирање на билките и боровницата, сепак локалното население беше согласно во својата визија дека природата на Шар Планина до 2038 година мора да биде заштитена а селата на Шара и под Шара да останат живи и со активно население коешто ќе биде задоволно и ќе живее во благосостојба со природата.
Во креирање на визијата за Шар Планина учествуваа претставници на локалното население, на ловџиски и планинарски друштва, на невладини организации, на општини и месни заедници, собирачи на шумски плодови и билки, угостители и вљубеници на природата на Шар Планина.
Платформата пријатели на Шара е составена од невладините организации Македонско еколошко друштво- Скопје, Центарот за едукација и развој, Институтот за развој на заедницата и Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и Иницијатива за граѓанска интеграција од Гостивар.