Свет
Црна Гора бара меѓународна помош за гаснење на шумските пожари

Црна Гора сè уште се бори со пожари, кои пламтат на неколку локации, а еден од нив се приближи до главниот град, поради што сообраќајот на патот Подгорица – Цетиње беше прекинат некое време.
Покрај Подгорица, пожари избувнаа во Никшиќ, Бијело Поље, Чањ, Буљарица. Најкритична беше ситуацијата во Буљарица и Чањ, додека во Подгорица најтешка беше во Пипери, Смоковац, Какаритска Гора и Дољани, објавува порталот RTCG.
„Сите објекти што беа загрозени синоќа во моментов се одбранети“, изјави Миодраг Бешовиќ, генерален директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој додаде дека пожарникарите од Тиват, Котор, Херцег Нови, Даниловград, Цетиње, Беране, Жабљак, Плевља и Бијело Поље пристигнале во Подгорица, а гаснењето на пожарот го отежнуваат силните ветрови што, според прогнозите, ќе продолжат да дуваат во вторник. Во Пипери, граѓаните се без вода и електрична енергија во вторник наутро.
Црна Гора ги распореди сите расположиви ресурси за гаснење на пожарот, при што припадници на службите за заштита и спасување, воздухопловни и хеликоптерски единици, Војската на Црна Гора, локални комунални претпријатија и граѓани работат на терен дење и ноќе.
Побарана е и помош од соседните земји, како и меѓународна помош за гаснење на пожарот од воздух.
„Во моментов, пожарите се активни во општините Подгорица, Будва, Бар, Никшиќ, Шавник и Бијело Поље. Сите расположиви единици на Службата за заштита и спасување, Дирекцијата за заштита и спасување, Војската на Црна Гора, како и доброволни противпожарни друштва се ангажирани во гаснењето на пожарот“, се наведува во информацијата од црногорското Министерство за внатрешни работи за барањето за меѓународна помош за гаснење на шумски пожари од воздух.


